Планетата Земја има 1.386.000.000 км3 вода, но само 2,5% од неа е слатка вода за пиење. Останатото е или солена вода или мраз. Според Светската Здравствена Организација, помалку од 1% од светските резерви на свежа вода се достапни за користење. Одовде се гледа дека водата е природен ресурс кој е строго ограничен во неговата количина.
Дневната потрошувачка на вода се движи од 300 литри на жител на ден во САД (нација која се смета за голем потрошувач на вода), 100 литри на жител на ден во Холандија (рационална потрошувачка) до 10-тина литри на жител на ден во Сомалија, каде водата е луксуз до кој повеќемина немаат пристап.
Кај нас, потрошувачката на вода се движи околу 240 литри по жител на ден. Овој податок покажува дека во Скопје водата се троши нерационално. На ниво на производство на вода во целиот систем, оваа бројка е уште поголема, а разликата се должи на реални технички загуби во мрежата, но и на нерегистрирана потрошувачка на вода (чистење на улици, поливање на градско зеленило, нелегални "диви" приклучоци и др.)
Имајќи предвид дека количината на вода која ја добиваме од изворот Рашче и бунарите во Нерези и Лепенец е ограничена, но и фактот што водоводната мрежа во градот не е комплетно изградена, во летниот период се појавува недостиг на вода на одредени локации во градот. Во некои ситуации тоа се должи на недоволниот капацитет на мрежата (на пример во нас. Хиподром), но почесто недостигот на вода е резултат на енормно зголемена потрошувачка на вода (на пример во населбата Шуто Оризари). За да се избегнат вакви несакани ситуации неопходно е потребно водата да се троши рационално. По правило местата каде има недостиг на вода се наоѓаат во повисоките делови од градот каде водата се доведува со пумпање па затоа и трошоците за нејзино доведување се многу повисоки.
Почитувани корисници. Заради сe што е горе кажано, Ве повикуваме на рационално користење на водата.
Тоа не значи да ја ограничувате употребата на водата, туку да ја користите за сите нормални потреби и во нормални количини. Со тоа ќе се намали и вашата сметка за потрошена вода, а воедно вие ќе станете еден од оние кои се грижат за зачувувањето на природните ресурси, водата, но и енергијата, индиректно ќе се намали и загадувањето на воздухот и глобалното затоплување.
Бидете и Вие примерен Земјанин !